
За првпат досега, воведуваме субвенции за младите, со цел да им помогнеме во стекнувањето на возачка дозвола од ,,Б” категорија. Оваа финансиска поддршка во висина од 10.000 денари, е наменета за сите матуранти од генерација 2025 година кои ќе се запишат или веќе се запишале на обука за теоретски и практичен дел во некоја од лиценцираните автошколи, почнувајќи од 1 јануари 2025 година, информира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Обезбедувањето возачка дозвола претставува значаен чекор кон поголема самостојност, мобилност и конкурентност на младите на пазарот на трудот. Преку оваа мерка, Општина Кисела Вода не само што ја олеснува финансиската тежина врз нивните семејства, туку и поттикнува безбедно и законско учество во сообраќајот. За да ја искористат оваа можност, младите треба да бидат жители на Кисела Вода и да приложат потврда дека следат последна година од своето средно образование. Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на предвидените средства во општинскиот буџет, кои изнесуваат 4 милиони денари. Како локална самоуправа, постојано работиме на мерки што директно им помагаат на младите, а оваа субвенција е еден од начините да го олесниме нивниот пат кон возачката дозвола, посочи градоначалникот.
Посочи дека со ова сакаат да ги мотивираат да се стекнат со потребните знаења и вештини, но истовремено да ја подигнат свеста за сообраќајната култура и безбедност.
-Возењето без соодветна обука и дозвола носи огромни ризици, како за самите возачи, така и за сите учесници во сообраќајот. Со оваа финансиска поддршка од 10.000 денари, испраќаме јасна порака – младите треба да се вклучат во сообраќајот на безбеден, одговорен и законски начин. Веруваме дека оваа мерка ќе им помогне, но и ќе придонесе за поголема безбедност на нашите улици, рече Ѓорѓиевски.