Обвинителството на БиХ издаде налог за апсење на Додик

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за апсење на лидерот на Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ, беше потврдено за Klix.ba. За тројцата е издадена наредба за приведување за сослушување.

Тие треба да бидат приведени од судската полиција, а во тоа да им помогне некоја од полициските агенции. Во одлуката се наведува дека обвинителството ги товари за сторено кривично дело „напад на уставниот поредок на БиХ“. Доколку тројцата не бидат приведени, ќе биде распишана внатрешна потерница, според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе. Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна.