Партиската судско-обвинителска фела си го штити членството – Ниту еден сдсмовец или член на ДУИ не смее да заврши во притвор

Инсталациите на СДСМ и на ДУИ во судството сакаат да остане сѐ „како до сега“

Партизацијата и корупцијата метастазирани во правосудството се главната причина за недовербата во институциите на системот и за само два проценти доверба во судството.

Иако, актуелната власт од самиот почеток, како врвен приоритет ја постави борбата против криминалот, потребата од одговорност и правда при што повеќе нема да има недопирливи функционери, сепак, повеќе од очигледно е дека нема ширум отворени врати од сите повикани структури за туркање на тој процес. Решителноста на власта е видлива, но без целосната поддршка од правосудните органи, неселективноста при сузбивање на криминалот не е можна.

Најнов пример кој укажува дека сѐ уште не е раскината мрежата во која цврсто се испреплетени голем дел од судско-обвинителската фела со претходната власт на СДСМ и ДУИ, е случајот со злоупотреби во набавки на мазут и перење пари. За исто дело, судот му одреди 30-дневен притвор на Ратко Капушевски, додека на Асмир Јахоски од ДУИ и сопственик на „Пуцко Петрол“, му е одреден само домашен притвор.

Судот првично не одреди притвор ниту за Васко Ковачевски поранешниот директор на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и висок функционер на СДС во случајот „Адитив“. Ковачевски сега е опфатен и во истрагата во која се приведени Капушевски и Јахоски. Тој веќе неколку месеци не е достапен на органите на прогон и не се знае каде е, а јавниот обвинител од ОЈО-ГОКК сметал дека не треба да бара притвор за лице кое се сомничи за голем криминал, во случај во кој што се проневериле 6,5 милиони евра. Првично за него беше определена само мерка за претпазливост.

Притвор немаше ниту за поранешниот директор на затворот во Шуто Оризари, Филип Андов – Сокол, кој овозможил на петмина осуденици незаконски да бидат повремено ослободувани. Андов е осомничен заедно со уште девет лица во постапка на Обвинителството за гонење на органзиран криминал и корупција. На осомничените им се одземени само патните исправи.

Дали ќе има судска завршница и Борче Цветков, пратеник од редовите на СДСМ, за кого струмичката полиција поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување? Тој се сомничи дека додека бил директор на затворот во Струмица им се заканувал на полицајци и им наредувал да ослободуваат осудени лица, иако не смееле да го напуштат затворот.

Во април минатата година кривична пријава доби и градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, кој е кадар на СДСМ, но дали ќе одговара за оштетување на буџетот на општината, е сосема неизвесно.

И, како најеклатантен пример за влијание врз судството се случаите поврзани со поранешниот премиер Зоран Заев. Во  „Рекет“, случај во кој се посочува криминал тежок милиони евра, на судско рочиште беа презентирани докази од вибер- комуникација од која јасно се виде како Заев „управува“ со процесот и влијае врз судии и јавни обвинители. Ослободителната пресуда Заев имаше и за случајот „Поткуп“, а притвор не беше побаран ни за случајот „Пуч“, за кој кој подоцна имаше аболиција од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Конкретни обвинувања дека поранешниот Заев се мешал во одлуките на судската власт, имаше и од Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на прес конференција презентираше аудио снимка како доказ за тоа.

Во транскриптот кој го презентираше Милошоски Заев е цитиран како говори за улогата на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, за законот за СЈО и за различни правни аспекти на случаите кои тоа ги водело. Во еден момент, Заев вели дека бил „близок со Јово“- поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.

Инсталациите на СДСМ и на ДУИ во судството сакаат да остане сѐ „како до сега“

Тоа што вчера СДСМ и ДУИ не гласаа за интерпелациите за Судскиот совет е доказ за тоа чии инсталации се овие петмина членови во РСС: Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Миљазим Мустафа и донаторката на СДСМ, Тања Чачарова, истакна Милошоски.

„Кого треба да заштитат ваквите инсталации во правосудството можеше да се види вчера во случајот тежок 168 милиони евра со перење на пари преку канцероген мазут. Иако во оваа мега афера има и еден осомничен кој е во бегство (Васко Ковачевски, СДСМ), сепак синот на пратеникот од ДУИ, кој е еден од двајцата главни актери во случајот ‘канцероген мазут’, помина само со домашен притвор, откако обвинителот, по нечиј налог, во последен момент го изменил предлогот. Завчера пак, инсталациите на СДСМ и ДУИ во Судскиот совет, одлучиле дека најдобриот избор за в.д. претседател на Врховниот суд е Џемали Саити – судија кој има тесни врски со раководството на ДУИ. Ова покажува дека борбата за реформи во правосудството ќе биде тешка, а инсталациите на СДСМ и ДУИ ќе направат сѐ за да остане ‘како до сега’. Затоа потребна е и поддршка од јавноста, меѓу другото и за поддршка на интерпелацијата како уставен принцип преку кој Собранието им изгласа недоверба на петте членови на Судскиот совет. После оваа недоверба треба да биде јасно дека тие лица веќе немаат демократски легитимитет да учествуваат во работата и во одлучувањето на РСС“, напиша Милошоски на Фејсбук.