
Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили во средата беше осуден на уште девет години затвор, откако беше прогласен за виновен за проневера, објави новинската агенција Интерпрес.
Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, беше осуден на шест години затвор за злоупотреба на власта кога се врати во Грузија во 2021 година по престојот во странство. Голем дел од таа казна помина во затворската болница.
Грузиската телевизија прикажа сцени на метеж во судницата по објавувањето на пресудата, при што приврзаниците на Саакашвили го нарекоа судијата „роб“ на актуелната влада.
Длабоко поларизирачка фигура во денешна Грузија, Саакашвили дојде на власт со ткн „Револуцијата на розите“ во 2003 година. На власт, тој ја преориентира Грузија кон Запад и се впушти во амбициозна програма за реформи во јавниот сектор што доведе до брзи подобрувања во јужнокавкаската земја со 3,7 милиони жители.
Меѓутоа, вториот дел од неговиот мандат го одбележа авторитаризмот, полициската бруталност и катастрофалната војна со Русија во 2008 година во обидот да наметне воена контролата над одметнатите кавкаски проруски автономни покраини Јужна Осетија и Абхазија при што загинаа руски мировници.
Во 2012 година, неговата партија Обединето национално движење ги загуби изборите од коалицијата предводена од Бидзина Иванишвили, бизнисмен милијардер кој останува де факто лидер на Грузија и денес.
По напуштањето на функцијата, Саакашвили се преселил во Украина, каде прозападните власти дојдени со превратот во Киев во 2014 година, всушност тогашниот претседател Петро Порошенко го именуваше на функцијата гувернер на доминантно руската и рускојазична јужна област Одеса. Меѓутоа, подоцна пројави амбиции и да се кандидира за претседетел на Украина и беше обвинет за корупција, по што накусо пребега во Полска, а кога се врати беше притворен од украинските власти.
Во 2021 година, практично беше протеран и принуден да се врати во Грузија, и покрај тоа што беше осуден во отсуство за злоупотреба на власта. По враќањето беше уапсен и затворен. А неговите адвокати со години наназад постојано се повикуваат на влошената психовизичка состојба на Саакашвили.