Македонијо, биди горда – Додека имаш вакви синови и ќерки кои те чуваат, ќе стоиш исправена, рече Јанев за роденденот на САЕ „Тигар“

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска присуствуваше на одбележување на 44 годишнината од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

-Оддаваме признание на една од најелитните сили на нашата земја – единицата Тигри формирана во 1981 година со јасна цел: заштита, сигурност и справување со најсложените безбедносни предизвици. Од обезбедување јавни личности и специјални задачи, до антитероризам и најкомплексни операции, оваа единица со децении е симбол на професионализам, пожртвуваност и беспрекорна подготовка. Низ годините, припадниците на оваа единица го штитат суверенитетот и идентитетот на нашата земја, со несебична посветеност и жртва. Огромна благодарност до нивните семејства, кои стојат зад нив со поддршка и разбирање за оваа тешка, но честита професија, објави Јанев.

Директорот на БЈБ, нагласува дека како менаџмент, остануваат посветени на континуирана поддршка на единицата, усовршување и унапредување.

-Вашата сила и храброст се темелите на безбедноста на нашата земја. Македонијо, биди горда! Додека имаш вакви синови и ќерки кои те чуваат, ќе стоиш исправена!, дециден е Јанев.