Демонстрантите во Белград порачаа дека доколку не бидат исполнети нивните барања, остануваат на улица

Овде сме затоа што се бориме за вистинските вредности, транспарентност и отчетност на сите кои управуваат со нашата иднина, порачаа студентите на белградскиот универзитет на масовниот протест во саботата во српската престолнина.

Сите улици во централното подрачје на Белград се исполнети со луѓе а официјалниот дел од собирот, кој формално почна пред Скупштината (паламентот) на Србија, е преместен на плоштадот Славија, каде студентите им се обраќаат на граѓаните кои ги поканија на денешниот протест.

Студентот истакна дека барањата на студентското движење не се исполнети но не посочијиа кои, и дека доколку вака продолжи, тие ќе останат на улица, на блокади и ќе ја продолжат борбата.

„Нашите конкретни барања се објавување на целата документација за реконструкција на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, бидејќи треба да ги знаеме точните податоци за да откриеме неправилности и да спречиме слични трагедии во иднина“, истакна студентка за медиумите без да коментира дека досега се јавно објавено околу 14.000 страници документи во врска со трагедијата на железничката станица.

Во меѓувреме преку медиумите се огласија и неколку семејства на жртвите од несреќата во Нови Сад барајќи од демонстрантите, студентите и опизициските партии да не ја злоупотребуваат нивната семејна трагедија за остварување на своите политички амбиции, како и да се воздржат од евентуални безредија.

Студентското движење нема лидер, студентите одлучуваат за своите постапки на факултетски и меѓуфакултетски таканаречени пленуми што беше стратегија и при протестите во Македонија во 2015 и 2016 година, а најчесто се појавуваат во јавноста претставувајќи се само по име.

„Се наоѓаме во момент кој ни ја крои иднината, затоа што сите сакаме промени, правда, сакаме да живееме во уредена, праведна држава каде што законот важи подеднакво за сите, каде институциите си ја вршат својата работа согласно законот, без притисоци од улица и каде граѓаните не мора да бидат со месеци на улица за да ја дознаат вистината и да ја исправат неправдата“, се вели во пораката од денешниот протест.

Студентите истакнаа дека сакаат да останат во својата земја и да се борат за уредно општество.

„Ние сме исткаени од разочарувањето на нашите родители и нашата непоколеблива желба да останеме во нашата земја и да ја направиме поправедна за сите“, е една од пораките од протестот во Белград.

Собирот течеше без посериозни инциденти, а студентското обезбедување и полицајците во цивил изолираа жена која се обидела да му го одземе микрофонот на студент за време на нејзиниот говор во Славија. Претходно беше приведен и возрасен демонстрант кој рекол дека псоедува бомби коишто сака да го фрли во парламентот, но неговата изјава се покажала како лажна.

Десетици илјади луѓе излегоа на централните улици на Белград, учествувајќи на антивладиниот протест „15 за 15“. на која цела Србија беше поканета од студентското движење. Протестот, според најавите треба да трае до 21 часот, но се чини дека бројот на излезените демонстранти не ги оправда очекувањата на организаторите, кои досега не излегоа со своја проценка.

Според проценките на полицијата, на денешните шпицови на сите локации во Белград, бројот на учесници бил околу 107.000, од ​​кои најголем број се од внатрешноста, а во моментов бројот на учесници се намалува и континуирано опаѓа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи