
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот вечерта ги повика украинските војници кои се во исклучително сложена ситуација во рускиот регион Курск да го положат оружјето, по молбата на амеиканскиот претстедател Доналд Трамп „да им ги поштеди животите“ на војниците на фронтот.
Претходно во петокот, Трамп објави дека неговиот специјален пратеник за Украина и Русија, Стив Виткоф, имал „плодни разговори“ со рускиот челник и дека побарал од него да ги поштеди опколените украински војници.
Путин „со разбирање“ го прими апелот на американскиот челник и ќе се поведува според принципите на хуманоста во однос на украинскиот воен персонал, соопшти Кремљ, но наведува дека за тоа ефектно да се спроведе неопходна е наредба од украинското водство до војниците да го положат оружјето и да се предадат со што би ги избегнале евентуалните репресалии и гонење од страна на властите во Киев.
„Доколку го положат оружјето и се предадат, ќе им се гарантира животот и достоинствен третман во согласност со нормите на меѓународното право и законите на Руската Федерација“, рече Путин во конференциска врска со руските функционери од кој снимки објавија медиумите.
Тој додаде дека видел порака од американскиот претседател која повикува на „поштеда на илјадниците украински војници“, кои, според неговите зборови, биле „целосно опкружени од руската армија“. Киев негира дека неговите сили се опколени.
Путин рече дека украинските војници „извршиле бројни злосторства против цивилното население“ во областа Курск, каде што окупираа неколку стотици квадратни километри од август 2024 година, и уште еднаш ги спореди со „терористи“.
„Истовремено, ние сме чувствителни на повикот на претседателот Трамп кон овие војници да се третира хумано“, додаде тој.
„Новата администрација, предводена од претседателот Трамп, прави сѐ за да врати барем нешто од она што беше практично сведено на нула, уништено од претходната американска администрација“, истакна Путин
Руските сили постигнаа значителен напредок последните денови во регионот Курск и го зазедоа градот Суџа, клучна украинска позиција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека неговите сили во регионот Курск се во „многу тешка“ ситуација, но негираше дека постои ризик од опкружување во областа.
Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, армискиот генерал Валериј Герасимов, му рапортираше претходно седмицава на Путин дека трупите на Вооружените сили на Украина во областа Курск „се опколени и систематски се уништуваат“.
Според Герасимов, руските вооружени сили веќе ослободиле повеќе од 1.100 квадратни километритериторија во пограничната област Курск. Герасимов, исто така, истакна дека плановите на Киев во регионот Курск пропаднале.
Герасимов му рапортираше на Путин и дека единиците на борбената групација Север „ја продолжуваат операцијата за уништување на непријателот“ на територијата на Курската област и оти „во моментов се ослободени 86 отсто од територијата на Курската област, која беше окупирана од вооружените сили на Украина“. Украинските вооружени сили загубиле повеќе од 68.000 луѓе и над 7.000 единици воена опрема, додаде во рапортот.
Путин во средата, првпат во воена униформа по почетокот на „специјалната воена операција“ во Украина, како што Москва официјално ја нарекува инвазијата во соседната земја, го посети пограничниот регион Курск. Рускиот претседател тогаш рече дека Русија треба да ги третира заробените украински војници во регионот Курск како терористи, откако изминатите денови Москва лиферуваше сведочења од цивили и заробени украински војници и странски платеници во кои се зборува дека едноставно биле стрелани мирни жители на областа.