Авион на Војската на Србија евакуира повредени по трагедијата во Кочани

Aвион на Војската на Србија „CASA C-295“ со четворица лекари и четворица медицински техничари полета од Белград во Македонија за медицинска евакуација на повредените во трагичната несреќа во Кочани, соопшти во неделата вечерта српското Министерство за одбрана.

Планирано е со овој авион да се евакуираат 12 пациенти, кои ќе се лекуваат во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград и Клиничкиот центар на Србија.

Двајца пациенти кои веќе се пренесени од Македонија со воени амбулантни возила се на лекување во Воената болница во Ниш и Клиничкиот центар во Ниш, а уште тројца пациенти се превезуваат со возила на брзата помош и ќе бидат згрижени на ВМА.

За пружање помош на повредените, двајца лекари од ВМА, пластичен хирург и анестезиолог, и двајца медицински техничари ќе останат со своите македонски колеги, се вели во соопштението.

Најмалку 59 млади лица најмногу на возраст од 14 до 24 години загинаа во пожар што избувна во текот на ноќта во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а 155 се повредени. Од скопската привватна клиника „Жан Митрев“ вечерва соопштија дека тројца од седумте пациенти во установата се во критична состојба.

Како реакција на трагедијата во кочанската дискотека, српската влада денеска одлучи вторник 18-ти март вторник да го прогласи за Ден на жалост во целата земја.