Три деца со изгореници од пожарот во Кочани ќе бидат пренесени во болница во Солун, некои во Ниш

Три млади деца со изгореници, повредени во пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени во болницата Папаниколау во Солун, потврди во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на грчката федерација на вработени во државните болници Михалис Јанакос.

Според Јанакос, солунската болница располага со Одделение за изгореници со четири кревети, денеска биле испразнети три и очекуваат повредените да бидат пренесени во Солун и хоспитализирани во Папаниколау.

Информацијата ја потврдија и од Кризниот штаб при Министерството за здравство.

-Во тек се припремите. Иницијално тројца за Грција. Во тек е останатото организирање и тријажирање, велат од Кризниот штаб.

Претходно, министерот за здравство Арбен Таравари од Клиничката болница во Штип најави дека дваесетина најтешко повредени, ќе се лекуваат во странство.

По наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, Министерството за одбрана и Армијата на Србија итно испратија 14 лекари и медицински персонал и пет возила на брза помош за да им укажат помош на повредените во синоќешната траедија  во Кочани.

Некои од повредените граѓани на Македонија ќе бидат згрижени во Воената болница во Ниш, а оние чија состојба бара посериозно лекување ќе бидат пренесени во Воената медицинска академија во Белград.

На властите од Скопје им е понудена и дополнителна медицинска и логистичка помош во врска со нивната грижа, соопшти Министерството за одбрана.