
Надлежните институции сѐ уште го вршат увидот за големиот пожар во дискотека во Кочани при што загинаа 59 лица. Од повредените 45 лица се во критична состојба и тие се пренесени во соодветни здравствени установи во Грција, Бугарија, Србија, Турција. Сите осомничени лица за овој настан се во притвор, досега 11, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Македонија.
Тој изјави дека покрај големиот број пропусти во 15-годишното функционирање на оваа дискотека, утврдено било дека и употребата на пиротехнички средства била без соодветна дозвола.
„Во СВР Скопје и во СВР Тетово приведени се пет лица со кои се обавуваат разговори. Меѓу нив е и еден поранешен министер. Извршени се претреси кај две службени лица од Министерството за економија, во книговодствено биро и во домот на сопственикот. Издавањето на лиценци за вакви објекти е во надлежност на Министерството за економија. А лиценцата за оваа дискотека е фалсификувана. Во Штип вчера се приведени 13 лица – сопственикот, членови на обезбедувањето, работодавецот, продавачот на билети, инспектори од пазарен и од трудов инспекторат, сопственикот на објектот“, рече Тошковски.
Објектот бил со намена за лесна индустрија, а не за угостителство, прекршени се стандардите од противпожарната заштита, во објектот имало само два противпожарни апарати, без излезни врати, противзаконски биле користени пиротехнички средства, концертот бил одржан без соодветни договори… Сето ова се пропусти утврдени при истрагата, рече Тошковски.
„Процесните дејства продолжуваат. Системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно може да кажеме дека имаме катастрофална состојба. Мора да се утврдат правила на игра за да се превенираат вакви настани. Во наредниот период ќе бидат спроведени темелни инспекциски контроли кои на површина ќе ги извадат сите системски пропусти. Треба решително да смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме. Секој замешан во оваа трагедија, поранешен или сегашен, ќе одговара“, рече Тошковски.