
„Ова е трагедија која ја потресе целата земја, остава трага која никогаш нема да се избрише“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче по големата трагедија во Кочани каде што во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица.
„Сакам да ги уверам роднините и родителите и дека пациентите се одлично сместени и третирани. Сакам да ги уверам дека нивните најблиски се во добри раце и дека колегите се борат за секој еден живот“, рече Филипче.
Тој упати апел до министерот Арбен Таравари да формира мобилни тимови, за психолошка помош на семејствата во Кочани, особено во пресрет на тоа што таму ќе следува.
Тој рече дека мора да има целосна транспарентна и објективна истрага.
„Никој не треба да биде поштеден, ниту актуелни ниту поранешни функционери и службеници. Трагедијата е преголема за да има сенка на сомнеж. Ако постои и најмала индиција дека некој се штити, тоа ќе биде удар на цело општество. Затоа апелирам до Обвинителството, до истражните органи, редовно, секојдневно да се информира што се прави“, рече Филипче.
Тој порача дека треба човечност, а не политизирање на процесот.
„Нема да дозволиме некој да биде поштеден, будно ќе пратиме за процесот да оди во правилна насока“, додаде тој.
Филипче повика на единство без политички пресметки и нагласи дека неговата партија ќе ги поддржи сите иницијативи што ќе придонесат за расветлување на случајот.
„Трагедиите можат да уништат една нација или да ја зајакнат. Од нас зависи како ќе излеземе од ова – како држава што донела правда или како општество што дозволило ова да се заборави“, заклучи Филипче.