Почина возач на итна помош што цел ден превезувал повредени од пожарот во Кочани

Утрово нова трагедија во Кочани, почина Иле Гоцевски, долгогодишен возач на Итната медицинска помош, човек кој несебично им помагаше на граѓаните во најтешките моменти.

Неговите колеги од Општата болница Кочани се во шок и неверување. Вчера, како и секој ден, беше на терен, транспортирајќи пациенти и повредени лица, секогаш посветен на својата работа. Но, по напорниот ден, се вратил дома да одмори и, за жал, не се разбудил.

За Гоцевски сведочат како за професионалец и човек со големо срце – подготвен да помогне во секој момент, без разлика на времето и условите. Неговата пожртвуваност и човечност ќе останат запаметени.

Оваа ненадејна загуба е тежок удар за неговото семејство, пријателите и колегите. Кочани денес се простува од човекот кој животот го посвети на спасување животи.