
Државниот јавен обинител на заминување Љупчо Коцевски информираше во понеделникот дека најголемиот дел од осомничените се испитуваат за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето“, за кое се предвидени затворски казни од најмалку 3 до најмногу 20 години.
Освен ова, обвинителството истражува и случаи поврзани со евентуално давање поткуп, како и незаконска набавка на пиротехнички средства.
Во моментот се приведени и задржани 14 лица во полициските станици, меѓу кои е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Обвинителството за сите нив ќе побара одредување мерка краткотраен притвор. Во оваа фаза од постапката може да им биде одреден само 48-часовен притвор, но по формално отворање на истрагата, постои можност притворот да биде продолжен и на 30 дена.
„Полицијата има законско овластување да го приведе и да го уапси секое лице кое придонело за последиците, без разлика за кого се работи. Тоа што можам да го ветам е дека истрагата ќе биде брза и ефикасна и дека сите што се огрешиле ќе одговараат. Ги разбирам граѓаните дека имаат огромна тага и болка, бидејќи и јас самиот чувствувам гнев, но апелирам дека мора смирено да делуваме и да се осигураме дека веќе никогаш нема да се соочиме со слични работи“, потенцираше Коцевски.
Во однос на осомничените кои моментално се во тешка здравствена состојба, тој изјави дека постапката против нив привремено е ставена во мирување и ќе продолжи веднаш откако нивната здравствена состојба ќе дозволи натамошни процесни дејствија.
Во меѓувреме, поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во чиј мандат е издадена нелегалната дозвола за работа на опожарената дискотека во Кочани, со полициска „марица“ е однесен од полициската станица Карпош во Оснониот кривичен суд во Кочани.
Адвокатот на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, кој од неделата вечерта е во полициската станица во Карпош, во понеделникот о изјава за медиумите рече дека Бектеши бил повикан на информативен разговор и дека сам се јавил по што е побарано тој да биде задржан заради понатамошно проверки.
„Вечерва му истекува времето од 24 часа на задржување“, изјави адвокатот Еленко Миланов, додавајќи дека до 14 часот во судот немало никакви известувања за некаква постапка против Бектеши.
Прашан за кои околности е повикан Бектеши во полициска станица, Миланов рече дека засега нема правна квалификација.
„Работата е што нема правна квалификација. Тој е повикан со покана на информативен разговор на којшто се јавил и по информативниот разговор е побарано да биде задржан за понатамошнни проверки додека Министерството провери што и како“, рече Миланов.