
Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одржаа заеднички час пред платото за да изразат почит за жртвите од трагичниот пожар во дискотека во Кочани, во која животот го загубија 59 млади луѓе, а над 150 луѓе се повредени.
Иницијативата беше одобрена од страна на управата на УКИМ, која им дозволи на студентите прекин на наставата за да можат да присуствуваат на собирот.
Студентите и професорите се потпишуваа во книгата на жалост, се палеа свеќи, а се одржа и седумминутен молк во знак на почит кон загинатите. Присутните изразија солидарност со семејствата на загинатите и повредените во трагедијата.
На настанот присутна беше и министерката за образование Весна Јаневска.
Од Универзитетското студентско собрание при УКИМ соопштија дека заедничката настава и собирите ќе продолжат до 21 март 2025 година, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ.