Трамп и Путин утре ќе разговараат телефонски

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека планира во вторникот да разговара со претседателот на Русија, Владимир Путин.

– Со Путин ќе разговарам во вторник. Завршена е многу работа во текот на викендот. Сакаме да видиме дали можеме да ја завршиме војната. Можеби можеме, можеби не можеме, но мислам дека имаме многу добри шанси – изјави Трамп за новинарите во „Ер форс 1“ за време на доцниот лет од Флорида до Вашингтон.

Тој додаде и дека со Путин ќе разговара „за земја“, „за електрани“ и „за поделба на одредени средства“.

– Мислам дека многу од ова веќе е опширно разговарано од двете страни- Украина и Русија. Ние веќе зборуваме за тоа за да поделиме некои средства – наведе Трамп.

Тој се обидува да го убеди Путин да го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот во конфликтот помеѓу Москва и Киев, што почна на 24 февруари 2022 година.