Трамп: Околу 80.000 страници од досиејата за атентатот Кенеди ќе бидат објавени во вторник

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој нареди објавување на доверливи документи поврзани со атентатот на американскиот претседател Џон Фицџералд Кенеди во 1963 година, во понеделникот изјави дека неговата администрација во вторник ќе објави околу 80.000 страници досиеја поврзани со поранешниот претседател.

„Луѓето го чекаа ова со децении“, им рече Трамп на новинарите за време на посетата на Кенеди центарот во Вашингтон. „Ќе биде многу интересно“, додаде

Претходно оваа година, Трамп потпиша извршен указ со која на сојузната влада ѝ се дава налог да претстави план за објавување записи поврзани со атентатите на Џон Кенеди, неговиот брат сенаторот Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг помладиот , еден од главните предводници во борбата за права на афроамериканците во САД во 1960-те години во САД.

Американското Федерално боро за истраги (FBI) на почетокот oд февруари објави дека пронашло илјадници нови документи поврзани со атентатот на Кенеди.

Неколку илјади од милионите владини записи поврзани со атентатот на Џон Ф. Кенеди допрва треба да бидат целосно декласифицирани. И додека многумина кои го проучувале она што досега беше објавено велат дека јавноста не треба да очекува какви било големи откритија, сепак постои интензивен интерес за детали поврзани со атентатот и настаните околу него.

Кенеди беше застрелан во центарот на Далас на 22 ноември 1963 година, додека неговата поворка минуваше пред зградата на училишниот депозитар, каде што 24-годишниот атентатор Ли Харви Освалд се позиционираше во „снајперско гнездо“ на шестиот кат. Два дена по убиството на Кенеди, сопственикот на ноќен клуб во Далас, Џек Руби го застрела Освалд за време на трансферот во затвор.

Во раните 1990-ти, федералната влада наложи сите документи поврзани со атентатите да бидат сместени во една збирка во Националниот архив на САД.

Документите објавени во последните неколку години нудат детали за начинот на функционирање на разузнавачките служби во тоа време, а вклучуваат телеграми и белешки на CIA во кои се разговара за посетите на Освалд на советската и кубанската амбасада, како и неговото патување во Мексико Сити само неколку недели пред атентатот. Поранешниот маринец претходно пребегнал во Советскиот Сојуз пред да се врати дома во Тексас.

Сепак, во колекцијата има некои документи кои истражувачите не веруваат дека претседателот ќе може да ги објави.