Во Кочани најавен протест во 13 часот

По трагичната несреќа во Кочани, во која загинаа 59 млади и деца, на социјалните мрежи веќе кружат апели и се најавува протест за денеска во 13 часот, во Градскиот парк во Кочани.

-Овој протест е израз на длабока болка и револт за загубените животи, но и за состојбата во која се наоѓаме како општество. Не можеме да ги вратиме нашите мили сограѓани, но сме должни да се бориме во нивна чест и за нив да го смениме овој неефикасен систем кој не обезбедува сигурност, благосостојба и праведност.

Граѓаните бараат конкретни промени. Ќе се борат за град без партиски вработувања, за институции кои функционираат, за полиција која е тука за нас, за инспекциски служби кои ќе ги вршат своите обврски, за јавни простори кои ќе бидат безбедни и чисти. Протестот е за правдата, за секој од нас, за секоја жртва која што ја изгубивме и за сите нас кои го живееме овој град секој ден.

Потребно е да се преиспита регуларноста на сите угостителски објекти, особено пицериите кои ги проширија и легализираа своите тераси на нелегален начин. Кафулињата кои ги проширија своите објекти низ цел трговски простор, и колите паркирани по тротоарите, кои ја блокираат пешачката патека, создаваат опасности за нас. Не смееме да ja заборавиме ниту дека не се почитува забраната за фрлање отпад од другите општини на депонијата, каде што со полициска придружба се дозволи да се фрла отпад на истата, се наведува во апелот за протест.