
Еден поранешен директор и инспектори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се дел од притворените во случајот со големата несреќа во Кочани, кога во голем пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, како што изјави претходно денеска на прес-конфренија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, без да ги појасни поединостите за кои лица се работи и конкретните причини за одредување на споменатата мерка.
Порталот МКД.мк подоцна објави дека според нивните сознанија станува збор за поранешниот директор Беким Максути, а при полицискиот претрес во неговиот дом било пронајдено и оружје и муниција.
Законот за заштита и спасување детално ги опишува надлежностите на ДЗС. Како што пишуа МКД.мк, се претпоставува дека една од причините за притворот на Максути е токму во непочитувањето на неговите обврски.
Во член 69 од Законот за заштита и спасување, меѓу ругото, се наведува дека „државните органи, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите се должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, според пропишани стандарди.
Веќе наредниот член ја опишува обврската на инвеститорот – „во проектната документација за изградба на објекти, како и за објекти на кои се врши реконструкција-пренамена инвеститорот е должен да изготви посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи.
Дирекцијата, односно нејзините подрачни организациски единици се должни во рок од пет дена од денот на приемот на писменото барање за увид во проектната документација од органот кој ја спроведува постапката за издавање на одобрение за градење, да изврши увид и да даде согласност за застапеност на мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи или да даде забелешки на записник, доколку не се исполнети условите за согласност.
Директорот на Дирекцијата ја утврдува содржината на елаборатот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Директорот на Дирекцијата ги пропишува мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи“.
Во член 139-в од овој закон се вели дека инспекторот на ДЗС има право и обврска на субјектот на надзорот: да му укаже на утврдените неправилности и да определи рок за нивно отстранување; да му нареди да преземе соодветни мерки и активности во рок кој ќе го определи инспекторот и да му поднесе барање за поведување прекршочна постапка.
Исто така, според член 141-д, инспекторот при вршење на надзор ако утврди дека постои непосредна опасност од уривање на објекти; настанување на пожари и експлозии; отежната евакуација на загрозени лица; оневозможување на ефикасна интервенција на тимовите и други опасности, со решение може да нареди забрана на користење на објектот или на дел од објектот.
Очигледно е дека во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани голем дел од законските обврски и инспекциски надлежности едноставно не се спровеле.