
Производителот на луксузни автомобили „Audi“ објави дека ќе укине 7.500 работни места во својата земја Германија до крајот на 2029 година, откако профитот и приходите паднаа под притисок на слабата побарувачка и жестоката конкуренција.
Управата и работничкиот совет долго разговараа за мерките за штедење и постигнаа договор за концептот во понеделникот.
До 2027 година ќе бидат укинати 6.000 работни места и уште 1.500 до крајот на 2029 година, при што менаџментот истакна дека целта е да се намали бирократијата, а не да се намалат работните места во производството.
Оригиналниот план предвидуваше 12.000 отпуштања, нагласи претседателот на работниот совет Јерг Шлагбауер.
Ниту еден работник нема да биде отпуштен до крајот на 2033 година, објасни претседателот на управниот одбор Гернот Долнер, посочувајќи дека програмата која гарантира работни места ќе биде продолжена за четири години. Ќе се намали бројот на вработените преку доброволно пензионирање и истекување на договорите.
„Audi мора да стане побрз, поагилен и поефикасен. Јасно е дека тоа нема да биде можно без приспособување на работната сила“, тврди претседателот на одборот на директори.
Планот за отпуштање, во комбинација со други намалени бенефиции на вработените, треба да донесе заштеди од повеќе од една милијарда евра годишно на среден рок. Мерките вклучуваат намалување на платите и промени во програмата за споделување на профитот, која ќе се намалува во период од неколку години.
Договорот за гаранција за безбедност на работните места на нејзините германски локации беше продолжен до крајот на 2033 година, соопшти „Audi“.
Управата лани исплатила 8.840 евра по вработен за резултати во 2023 година. Истовремено најавија осум милијарди евра инвестиции во производството во Германија.
„Ги позиционираме Инголштад и Некарсулм да бидат силни и флексибилни за предизвикувачкиот премин кон електричната мобилност“, рече Долнер.
„Преговорите беа тешки, но секогаш фактички и ориентирани кон решенија… моравме да направиме компромиси за да овозможиме финансиска флексибилност за дополнителни инвестиции“, рече во изјавата Јоерг Шлагбауер, шеф на работничкиот совет.
Во вторникот компанијата објави дека приходите ѝ паднале за 7,7 отсто минатата година, на 64,5 милијарди евра. Добивката по оданочување потонала за 33 отсто, на 4,2 милијарди евра.
Групацијата испорачала 1,69 милиони автомобили на клиентите минатата година, 12 отсто помалку отколку во 2023 година.
Минатогодишните резултати беа натежнати од слабата побарувачка и жестоката конкуренција на меѓународно ниво, посочуваат тие. Во првата половина од годинава имаа проблеми и со недостиг на делови за поголеми мотори, па беа принудени да ја затворат фабриката во Брисел.