
Унгарската влада „беше Трамп пред (американскиот претседател) Доналд Трамп“, бидејќи долго време ги отфрла миграциите, родовата пропаганда и војната во Украина, поради што претрпе напади во Европската унија, изјави во вторникот во Њу Делхи министерот за надворешни работи и трговија.
Петер Сијарто на панелот на меѓународниот форум Раисина Дијалог 2025 (Raisina Dialogue) рече дека „конзистентниот и долгорочен“ пристап на владата кон овие прашања довел до политички и финансиски напади.
„Ние сме попопуларни надвор од Европа отколку во нејзините рамки. Либералниот мејнстрим не може да свари дека успешно спроведуваме конзервативна, патриотска и десничарска стратегија“, рекол шефот на унгарската дипломатија според соопштението на Министерството, коешто го цитира новинската агенија MTI.
Пристапот на Унгарија кон војната во Украина е конзистентен веќе три години, додал Сијарто, истакнувајќи дека веднаш по почетокот на руската инвазија, тој разговарал со завојуваните страни за да ја понуди Будимпешта како место за мировни преговори.
„Ги одржувам надежите дека тие ќе ја прифатат таа понуда и ќе одржат мировни преговори“, рекол Сијарто.
Унгарија е единствената членка на НАТО која не испраќа оружје во Украина, туку ја започна „најголемата хуманитарна операција во својата историја“.
Унгарија во меѓувреме стана главен извор на електрична енергија за Украина, а од февруари тоа е случај и за природниот гас, рекол министерот. Се пожалил дека и покрај овие напори, владата „е под финансиски и политички напад“ поради нејзините апели за прекин на огнот и започнување мировни разговори.