Европската комисија ќе го претстави планот за спротивставување на Русија

Се очекува Европската комисија во среда да претстави конкретен план до земјите-членки на ЕУ за тоа како, според неа, да се спротивстави на актуелните закани од Русија и другите агресивни актери, се вели во нацрт-документот во кој увид имала германската новинска агенција dpa.

Во нацртот на таканаречената „Бела книга за иднината на европската одбрана“, Комисијата истакнува седум приоритетни области каде што треба да се решат празнините во воените капацитети. Областите вклучуваат воздушна и ракетна одбрана, системи за беспилотни летала и електронско војување.

Во текстот се тврди дека Европа мора да биде подготвена за војна ако сака да ја избегне. Во нацрт-документот се вели дека Русија „неповратно е на пат да стане воена економија и дека ја продолжува војната со Украина додека истовремено се подготвува за идни конфликти со европските демократии“.

Комисијата веќе најави дека ќе собере 800 милијарди евра за проекти за повторно вооружување, што вклучува нов фонд од 150 милијарди евра и привремено ослободување на одредени одбранбени инвестиции од строгите граници за долгот и дефицитот на блокот.

Нацртот, исто така, предупредува на зависност од САД, но не толку директно како што замислија европската министерка за надворешни работи Каја Калас и комесарот за одбрана Андриус ​​Кубилиус.

Поексплицитните делови од текстот за САД, кои беа дел од претходниот нацрт на документот, нема да бидат вклучени во финалната верзија по интервенција на членовите на Комисијата, дознава dpa.

Претходниот нацрт на „белата книга“ предупредувал дека САД потенцијално би можеле да одлучат да ја ограничат или дури и оневозможат достапноста на клучните компоненти за воени операции. Единствениот начин да се надмине таквата зависност е да се развијат потребните способности преку заеднички европски одбранбени проекти, се наведува во нацртот.