
Не би сакал да ги политизираме овие моменти. За мене како министер за здравство, пред сѐ, и над сѐ, ми е битно пациентите да се живи и здрави во овие кризни моменти. Јас споделив уште пред неколку денови на социјалните мрежи дека не треба да се злоупотребуваат лицата на пациентите, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари во одговор на новинарско прашање поврзано со посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на македонските пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат од тешки изгореници на Воено-медицинската академија во Белград.
Според Таравари, тој како министер за здравство и премиерот Христијан Мицкоски имаат обврска да ги посетуваат пациентите, појаснувајќи дека за посета на оние кои имаат изгореници од прв степен не треба ништо друго освен маска, додека пак, за оние на интензивна нега има посебни правила.
-Се надевам дека ние како Влада се придржуваме стриктно на ова, ги посетуваме пациентите. Сакам уште еднаш да кажам, и премиерот и јас како министер за здравство имаме обврска да одиме и да ги посетиме пациентите тие кои што се полесни. Тие кои што се полесни, односно опекотини од прв степен, не ни треба ништо друго освен маска, а тие што се на интезивна нега таму има правила и кај нас и во странство и да сакаме ние не можеме да влеземе без да бидеме облечени како што треба, рече Таравари.
Прашан како ги посетиле вчера пациентите во Бугарија, со оглед на тоа дека сите пациенти таму се на механичка вентилација, Таравари рече секаде каде што извршил посета на пациенти бил облечен онака како што треба.
-Секаде каде што бевме, а и тука кога ги посетував во „8 Септември“ и Градска болница бев облечен како што треба. Меѓутоа, не заборавајте дека имаме и лесни пациенти кои што имаат опекотини од прв степен и нив можеме само со маска да ги видиме. Обврска имаме и премиерот и јас секојдневно да добиваме информации за на крај да имаме повторно резултат како што имаме денеска, рече Таравари. (МИА)