
Кремљ во средата ја обвини Украина дека сака да ги опструира руско-американските напори за решавање на конфликтот, прекорувајќи и дека веднаш не ги прекинал нападите врз енергетската инфраструктура, како што се договорија рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Забележуваме дека немаше реципроцитет од страна на режимот во Киев. Имаше обиди за напад на нашата енергетска инфраструктура“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, украинскиот напад во текот на ноќта врз цел во Русија бил насочен „против тие заеднички (руско-американски) напори“.
И Русија и Украина извршија напади на другата страна во текот на ноќта.
Русија де факто го отфрли целосниот 30-дневен прекин на огнот што го сакаше Киев преку Трамп за прекин на воени операции во воздух и на море, тврдејќи дека прекинот на непријателствата се однесува само на нападите врз енергетската инфраструктура.
САД инсистираа на тоа дека прекинот на огнот мора да важи за целата инфраструктура, што Песков го негираше во средата, инсистирајќи дека само „енергетската инфраструктура“ е покриена со руското ветување“.
На прашањето зошто Белата куќа има поинакво толкување, Песков одби да одговори, потсетувајќи дека тој е „порпаролот на рускиот претседател“. Според него, „претседателите Путин и Трамп добро се разбираат, си веруваат и имаат намера да одат напред чекор по чекор кон нормализација на билатералните односи“.
Претходно руската војска ја обвини Украина дека се обидува да го поткопа договорот постигнат телефонски меѓу Путин и Трамп со намерно напад на складиште за нафта во Русија во текот на ноќта.
„Ова е нова провокација специјално подготвена од режимот во Киев со цел да се попречат мировните иницијативи на американскиот претседател“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата рече дека САД треба да бидат задолжени за „контрола“ на овој многу ограничен прекин на огнот.
Според Киев, Русија истрелала шест проектили и лансирала 145 беспилотни летала во Украина во средата навечер. Едно лице наводно загинало, а две болници наводно се оштетени.