
Христијански е, пред се’ човечки е да се сочуствува, да се има емпатија кон луѓе кои го загубиле најмилото, највредното во својот живот. Да се сочуствува со оние кои патат, кои се унесреќени, и да им се даде силна поддршка и почит.
Од овие причини вчера речиси во сите градови во Македонија, огромен број граѓани излегоа да им оддадат почит на жртвите во најголемата несреќа што ја снајде земјава во поновата исорија. Мирно, достоинствено, во тишина, илјадници граѓани на Македонија, запалија свеќи и со молк оддадоа почит на сите жртви од оној ужас во Кочани, кој однесе дури 59 млади животи.
Но, за да се уништи сето ова, тука се оние, што до скоро јавноста ги препознаваше како соросoиди, платеници, протестирачи по потреба… политички (не)корисни идиоти. Веднаш се истопорија пред камери, на договорени, поточно однапред исценирани ситуации. Веднаш знаат како треба да се оправа работава, што треба да се преземе, каде потфрлува државата. А, седум години беа напикани по дупки, молчеа и глава не креваа, па дури и во ситуации кога исто така корупцијата предизвика трагедии со дузина мртви. Тогаш молчеа, беа глупи и не знаеа што треба да кажат. Сега одеднаш се опаметија, се’ знаат.
Е, токму тие се најголемите виновници за фаличниот систем во кој живееме. Систем на кој најголеми осакатувања му беа сторени од 2017 до 2024 година. Период во кој системот беше крвнички уништуван и инвалидизиран. И тоа токму од оние политички менаџери, кои дојдоа на власт баш со силна и безрезервна поддршка на политичкиве (не)корисни идиоти, кои пак сега најгласно врескаа фатете го крадецот! А, какво мислење имаше нивниот лидер за нив и колку ги ценеше, чувме во еден снимен разговор.
Лидерот на СДСМ, јавно излезе и кажа дека неговата партија нема да ја политизира несреќата во Кочани. Дека институциите на државата мора транспарентно да ја истераат работата и да си одговараат пред законот сите што треба да одговараат, без разлика дали станува збор за бивши или сегашни функционери. Дека оваа трагедија не смее да не’ подели, туку да не’ обедини. Рака на срце, секоја чест за ваквиот потег на Филипче.
Но, дали беше искрен?
Најголемиот сомнеж во искреноста на лидерот на СДСМ фрлија токму членови на партијата. Повикуваа на протести преку социјалните мрежи, пуштаа објави кои само ја разгоруваа ситуацијата во овие емотивно тешки денови. Се обидуваа од петни жили да ја пресликаат Србија во Македонија. Колку бедно и патетично. Да се обидуваш политички да ги злоупотребиш своите сограѓани кои само сакаа со мирни јавни собири, да им оддадат почит на загинатите. Да им искажат сочуство и поддршка на нивните семејства. Навистино бедно. Само обичен џган, без тронка морални и етички вредности може тоа да го стори.
Да не се чудат после зошто нивната партија има само 15 пратеници, и градоначалнички места кои се бројат на прсти на една рака. А, само за неколку месеци треба да има локални избори во земјава.
Ако бил искрен Филипче во своето излагање за неполитизирање на трагедијата во Кочани веднаш јавно да се дистанцира од овие политички (не)корисни идиоти и ако бил искрен Филипче веднаш да ги исклучи од партијата оние политички (не)корисни идиоти кои се членови на СДСМ. Во спротивно само остава впечаток на ефтина глума.
Или можеби, пак, во игра е опција дека нема целосна контрола во партијата, со заменик претседател покрај себе како Фани Каранфиловска Пановска, до скоро прв човек на невладините на СОРОС во Македонија, чии организации, пак, со години беа главен финансиер на политичките (не)корисни идиоти.
Македонските власти досега експресно брзо одговорија на ситуацијата и должностите. Останува уште краток временски период да се заврши целата работа. Истрагата досега покоси и бивши и сегашни функционери. Тоа го препознаа и регионалните медиуми. И го поздравија. Ние ќе се стрпиме и ќе почекаме да видиме, дали борбата против корупцијата ќе остане беспоштедна, како што премиерот Христијан Мицкоски ја најави и како што деновиве цврсто и одлучно ја спроведува.
Автор: Дејан Николовски