Мицкоски се потпиша во Книгата на жалост во Собрание

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието на Република Македонија се потпиша во Книгата на жалост за загинатите во несреќата во Кочани, која е отворена од вчера.

Книгата на жалост ќе биде отворена за сите граѓани во следните пет дена, секој ден во периодот од 10 до 19 часот.

Граѓаните кои сакаат да се потпишат во Книгата на жалост може да влезат во Собранието преку страничниот влез – од страната на АРМ.

Мицкоски денес го посети Кочани и се потпиша и во Книгата на жалост во чест на жртвите од трагичниот пожар.

Во овие тешки моменти, Кочани, Македонија и целиот наш народ тагуваат за младите животи што згаснаа прерано, за соништата што останаа неостварени.

„Денес, во тишина, со солзи и со почит, се поклонуваме пред жртвите и нивните семејства. Вечна им слава. Нека почиваат во мир,“ напиша премиерот Мицкоски во Книгата на жалост.

Посетата беше чин на длабока почит и солидарност со семејствата кои поминуваат низ најтешките моменти. Владата останува посветена на целосно расчистување на трагедијата и поддршка на погодените.