
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави материјали поврзани со атентатот на поранешниот претседател Џон Фицџералд Кенеди за да го исполни своето предизборно ветување за поголема транспарентност за кобниот настан во Тексас.
Првата серија електронски копии од документите се појави на веб-страницата на Националниот архив на САД, а повеќе од 80.000 се очекува да бидат објавени откако адвокатите на Министерството за правда со часови ги прочистуваа.
Дигиталните документи, вклучително и претходно доверливите белешки, нудат поглед на атмосферата на страв што ги карактеризираше американските односи со Советскиот сојуз кратко време по Кубанската ракетна криза во 1962 година, која за малку ќе доведеше до нуклеарна војна.
Објавувањето на документите сепак веројатно ќе ги заинтригира луѓето кои долго време биле фасцинирани од драматичниот период во историјата, атентатот и самиот Кенеди.
Многу од документите се однесуваат на работата на истражителите кои се обидоа да дознаат повеќе за времето поминато во Советскиот сојуз, атентаторот Ли Харви Освалд и да ги следат неговите движења во месеците пред атентатот на Кенеди во Далас на 22 ноември 1963 година.
Првичниот преглед на материјалот не покажа отстапување од официјалната верзија на настаните.
Секретарот за здравство на Трамп, Роберт Кенеди Џуниор, син на Роберт Кенеди, исто така убиен во атентат и внук на Џон Ф. Кенеди, изјави дека верува дека Централната разузанавачка агенција (CIA) била вклучена во убиството на неговиот чичко, обвинение кое агенцијата го отфрли како неосновано.
Џек Шлосберг, внукот на Џон Кенеди, во вторникот без да појасни што сака да каже напиша на платформата за социјалните медиуми Х: „Администрацијата на Трамп не предупреди никого во семејството на претседателот Кенеди за објавувањето“, иако Трамп претходно го најави објавувањето.
„Не очекувам нови откритија“
Фредерик Логевал, професор по историја на Харвард, кој напишал книга за ЏФК, изјави за Reuters дека новите документи би можеле да ја комплетираат сликата за атентатот.
„Важно е кога ја добивате целата документација, идеално во нецензурирана форма. Но, не очекувам драматични нови откритија кои суштински ќе го променат нашето разбирање за настаните“, напиша тој во е-пошта.
Еден документ, насловен како „тајна“, е интервју спроведено со Ли Вигрен, службеник на CIA, од истражител на Вореновата комисија за недоследностите во материјалите што Стејт департментот и CIA ѝ ги дале на комисијата за бракови меѓу советски жени и американски мажи. Освалд бил оженет со советската државјанка Марина Освалд во времето на атентатот.
Документите на Министерството за одбрана од 1963 година се однесуваат на Студената војна од раните 1960-ти и активностите на Соединетите држави во Латинска Америка, каде што се обидувале да ја потиснат поддршката на кубанскиот лидер Фидел Кастро за комунистичките сили во други земји.
Објавените документи сугерираат дека Кастро нема да оди толку далеку што ќе предизвика војна со САД или да ги ескалира тензиите до точка „што сериозно и веднаш би го загрозила режимот на Кастро“. „Се чини поверојатно дека Кастро би можел да ја зголеми својата поддршка за субверзивните сили во Латинска Америка“, се истакнува во документот.
Документ од јануари 1962 година открива детали за строго таен проект наречен „Operation Mongoose” или поедноставно „Кубански проект“, кој бил кампања на тајни операции и саботажи на CIA насочени против Куба, овластени од Кенеди во 1961 година со цел да се собори режимот на Кастро.
Трамп потпиша извршен указ за објавување документи набргу по преземањето на функцијата во јануари, а американското Федерално истражно биро (FBI) пронајде илјадници нови документи поврзани со атентатот на Кенеди во Далас.
„Максимална транспарентност“
Во брзање да ја спроведе наредбата на Трамп, американското Министерство за правда нареди дел од своите адвокати кои се занимаваат со чувствителни прашања за националната безбедност итно да ги разгледаат материјалите за атентатот, се вели во е-пошта испратена во понеделникот вечерта во која увид имал Reuters.
„Претседателот Трамп воведува нова ера на максимална транспарентност“, рече американскиот директор за национално разузнавање Тулси Габард на социјалната платформа Х.
Алис Л. Џорџ, историчар кој напиша книга за атентатот на Кенеди, рече дека американската љубопитност за атентатите и прашањата за транспарентноста на владата придонесуваат за „чувството дека мора да има важни докази скриени меѓу овие документи“. Но, таа рече дека документите на владата веројатно нема да ги решат прашањата што луѓето сè уште ги имаат. „Мислам дека може да има повеќе објавувања на документи“, рече таа.
„Навистина се сомневам дека ќе вклучат некои големи откритија. Извештајот на Вореновата комисија е добро направен, но тој беше направен во време кога многу од клучните играчи сè уште беа живи. Многу е потешко да се најде вистината кога повеќето од инволвираните луѓе се мртви“, додавва таа.
Убиството на Кенеди му се припишува само на едно лице, Освалд. Министерството за правда и другите федерални владини агенции го потврдија овој заклучок во следните децении.
Резултатот од заговорот
Но, анкетите покажуваат дека повеќето Американци веруваат дека неговата смрт е резултат на заговор. Експертите се сомневаат дека новите информации ќе ги променат фактите дека Ли Харви Освалд го застрелал Кенеди од прозорецот на магацинот за училишни книги додека претседателската поворка минувала низ Дили Плаза во Далас.
„Луѓето кои очекуваат големи работи речиси сигурно ќе бидат разочарани“, вели Лари Сабато, директор на Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија, кој напиша книга за атентатот. Тој рече дека некои од страниците може едноставно да бидат препечатени материјали од претходно достапни материјали со неколку зборови цензурирани.
Едно откритие што може да го содржат документите е дека CIA била повеќе свесна за Освалд отколку што претходно се тврдеше. Имено, остануваат прашањата дали CIA знаела за патувањата на Освалд во Мексико Сити шест седмица пред атентатот. За време на ова патување, Освалд ја посетил советската амбасада.
Трамп, исто така, вети дека ќе објави документи за убиството на активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг помладиот и сенаторот Роберт Кенеди, убиен во 1968 година.
Претседателот дозволи дополнително време да направи план за нивно овјавување. „Луѓето го чекаа ова со децении“, рече Трамп. „Ќе биде многу интересно“, најави.