Трамп ќе ѝ помогне на Украина да добие систем за противвоздушна одбрана, објави Белата куќа

Соединетите држави ќе ѝ помогнат на Украина да добие систем за противвоздушна одбрана, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, неколку часа по телефонскиот разговор меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски.

Трамп и Зеленски се согласија во, како што рече Белата куќа, „фантастичен“ едночасовен разговор да работат заедно за да се стави крај на руската војна со Украина.

„Претседателот Зеленски побара системи за противвоздушна одбрана… и претседателот Трамп се согласи да работи со него за да види што е достапно, особено во Европа“, рече Каролина Левит, објаснувајќи ги деталите од разговорот на двајцата лидери.

Додаде дека ќе продолжи и доставувањето на разузнавачките податоци на САД за Киев.

Зеленски му се заблагодари на Трамп за поддршката на САД, опишувајќи го разговорот како „позитивен, многу суштински и искрен“, а двајцата претседатели се согласија техничките тимови да се состанат во Саудиска Арабија во наредните денови.

Во врска со договорот за ретки минерали, кој требаше да биде потпишан за време на посетата на Володимир Зеленски на Вашингтон и беше главна тема на украинско-американските разговори пред неколку седмици, Левит не одговори директно. Рече дека САД се „подалеку“ од договорот за минерали и дека сега се повеќе фокусирани на мировните преговори.

Трамп го информирал Зеленски за неговиот телефонски разговор со Владимир Путин во вторникот, во кој рускиот претседател го отфрли предложениот целосен 30-дневен прекин на огнот што го бараше Трамп а го прифати Украина, но се согласи да ги запре привремено мападите врз енергетската инфраструктура.

Украинскиот лидер рече дека ја потврдил подготвеноста на Украина да ги запре нападите врз руската инфраструктура.

Сепак, тој тесно дефиниран прекин беше веднаш доведен во прашање во средата. Москва соопшти дека Украина извела удар врз складиште за нафта во јужна Русија, додека Киев тврдепе дека Русија погодила наводно болници и станбени квартови и ја прекинала струјата на некои железнички линии.

Сепак, двете страни спроведоа размена на затвореници, при што секоја ослободи 175 војници во договор олеснет од Обединетите Арапски Емирати. Москва соопшти дека ослободила дополнителни 22 ранети Украинци како гест на добра волја.

Трамп, исто така, му предложи на украинскиот претседател дека Вашингтон може да помогне во управувањето, а можеби и да поседува украински нуклеарни централи, се вели во соопштението на американската администрација. Но најголемата европска нуклеарна централа, онаа во украинскиот мнозински руски и рускојазичен регион Запорожје, без никакви борби дојде под контрола на руската војска уште од почетокот на самата инвазија во февруари 2022 година.