Зеленски против отстапките за Русија за помошта од Западот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата повика да не се прават „отстапки“ на Русија, која бара прекин на помошта од Западот за Киев пред да се постигне прекин на огнот, најавувајќи дека во среда ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Мислам дека не треба да прифатиме ниту најмала отстапка во однос на помошта за Украина, напротив, таа треба да се зголеми“, рече Зеленски за време на прес-конференцијата во Хелсинки, говорејќи ден по телефонскиот разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин.

Украинскиот челник најави дека ќе разговара со Трамп подоцна во среда. Разговорот меѓу американскиот и рускиот претседател во вторникот резултираше со договор кој беше далеку од она што претходно го бараше Вашингтон, а Киев го прифати, пишува агенцијата France Presse.

„Денеска ќе разговарам со претседателот Трамп и ќе разговараме за понатамошни чекори“, рече Украинецот.

Зеленски ги истакна „црвените линии“ за Киев – безбедносни гаранции дека војната нема да се врати и ослободување на „илјадници“ затвореници во Русија, јавува BBC. Тој го обвини рускиот претседател дека наводно веќе го прекршил ветувањето што му го дал на Трамп ден претходно дека ќе престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.

Украинскиот претседател тврдеше дека во средата вечерта Русија испратила 150 беспилотни летала кои нападнале такви цели, заедно со транспортната инфраструктура и две болници.

„Со други зборови, зборовите на Путин се многу во спротивност со старноста“, рече Зеленски.

Зеленски предупреди дека Русија сака да ја прекине помошта од Западот за да ја ослабне Украина, прашувајќи зошто Москва го застапува тоа ако Путин навистина сака мир.

„Ние се бориме за нашиот суверенитет и независност. Ќе победиме во оваа војна“, рече украинскиот претседател.