
Цените на нафтата пораснаа до 72 долари на меѓународните пазари во четвртокот, откако САД воведоа санкции за кинеските купувачи на иранска нафта, поттикнувајќи ја загриженоста за понудата што дојде поради знаците за посилна побарувачка во најголемата светска економија.
На лондонскиот пазар со барелот нафта попладнето се тргуваше по цена од 97 центи повисока од вчерашната цена на затоврањето на пазарот од 71,75 долари. За речиси исто толку порасна и цената на барелот за испорака во април на американскиот пазар, на 68,12 долари. Го следеше и барелот за испораки во мај, со цена од 67,85 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во средата поевтинил за 99 центи на 73,13 долари.
Трговците во средата беа охрабрени од падот на залихите на дестилати и бензин во САД. Залихите на дизел и нафта за греење минатата седмица се намалени за 2,8 милиони барели, а залихите на бензин за 500.000 барели, објави Министерството за енергетика. Залихите на нафта, пак, се зголемија за 1,7 милиони барели.
„Изгледите за побарувачката на нафта во САД остануваат здрави, и покрај помалиот број патници во авионите“, заклучија аналитичарите на „JPMorgan“, додавајќи дека намаленото патување во САД не сигнализира слабост во пошироката побарувачка.
„Залихите на нафта се зголемија за 1,7 милиони барели, но податоците за нивното вкупно ниво сугерираат дека понудата во првите месеци од оваа година е умерено послаба од побарувачката. Сè уште веруваме дека понудата ќе биде тесна оваа година, спротивно на очекувањата на пазарот за значителен суфицит“, смета Џовани Стауново од UBS.
Попладнето вниманието на трговците го привлекоа новите американски санкции за иранската нафта. Вашингтон првпат санкционираше независна кинеска рафинерија „Shandong Shouguang Luging Petrochemical Co., Ltd“, и брод што ја снабдува со иранска нафта.
Санкции беа воведени и на нафтениот терминал во Кина „Huaying Huizhou Daya Bay Petrochemical Terminal Storage“ за купување и складирање нафта испорачана од санкциониран брод.
Кина е најголемиот увозник на иранска нафта, а главни купувачи се приватните рафинерии. Иран произведува повеќе од три милиони барели нафта дневно и санкциите би можеле значително да ја намалат понудата, стравуваат аналитичарите.