ЕУ ги одложи царините против САД до средината на април

Европската комисија одлучи да ги одложи тарифите што ги најави како противмерки на американското воведување царини за увоз на челик и алуминиум од Европската унија.

Комисијата кон средината на март објави дека ќе ги активира постоечките противмерки против САД кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година на 1 април и дека ќе усвои нов пакет контрамерки за американскиот извоз во средината на април.

„Сега размислуваме за тајмингот на овие два пакета контрамерки на ЕУ за да можеме да се консултираме со земјите за нив, а тоа исто така ќе ни даде дополнително време за преговори со нашите американски партнери“, рече во четвртокот комесарот за трговија Марош Шефчович во Европскиот парламент.

Сега двата пакета противмерки треба да стапат на сила во средината на април.

Првиот сет противмерки се однесува на низа американски производи како што се мотоцикли, бурбон и чамци и е одговор на економската штета вредна 4,5 милијарди евра од извозот на челик и алуминиум од ЕУ. Вториот пакет се однесува на американскиот извоз во вредност од 18 милијарди евра.