ЕУ размислува за намалување на увозот на украински шеќер

Европската комисија размислува за значително намалување на увозот на украинскиот шеќер по жалбите на производителите на ЕУ дека порастот на испораките предизвикал пад на цените, дознава Reuters од три изворa.

Како дел од поддршката за Украина по руската инвазија во февруари 2022 година, Брисел им обезбеди на украинските земјоделски производи неограничен пристап до пазарот на Европската унија. Ситуацијата се промени откако евтиниот увоз предизвика голем долготраен бран протести на земјоделците во ЕУ, со поплаки дека го поткопуваат домашното производство и ги намалуваат цените. Освен пилешко и житарки, цел на поплаките беше и увозот на шеќер.

Намерата за намалување на увозот на украинскиот шеќер, според неименуваните извори, ја спомнал еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен на состанокот со претставници на француските земјоделски и индустриски здруженија на земјоделскиот саем во Париз на крајот од февруари.

Хансен тогаш не прецизирал за колку треба да се намали увозот, само рекол дека ќе биде „значително помал“, според извори кои присуствуваа на состанокот. Еврокомесарот тогаш додал дека ќе се осврне и на увозот на други украински земјоделски производи, како што е житото, но не наведе детали, рекоа два извори.

Европската комисија одговорила на прашање на Reuters дека е свесна оти увозот на одредени земјоделски производи предизвикува загриженост кај земјоделците и владите во ЕУ, но одбила да каже нешто повеќе.

Украинската влада, пак, не сакала да ги коментира информациите за наводното ограничување на увозот.

Украинскиот заменик министер за економија Тарас Качка минатата седмица изрази надеж дека Киев ќе постигне фер договор со ЕУ за трговија со земјоделски производи.

„ЕУ разбира дека не можеме да удираме со глава в ѕид и да ги вратиме условите за трговија што ги имавме пред десет години. Сè уште имаме време и можеме да најдеме конструктивно решение. Украина е максимално флексибилна и подготвена да обезбеди транспарентност во трговијата“, рече Качка додавајќи дека прашањето спаѓа повеќе во доменот на политиката отколку во трговијата.

Укинувањето на царините за украинските земјоделски производи во 2022 година резултираше со бран на увоз на поевтин шеќер, достигнувајќи 400 илјади тони во сезоната 2022/2023. и на повеќе од 500 илјади тони во 2023/2024 година. Предвоената квота беше 20 илјади тони.

Во јули 2023 година, ЕУ повторно воведе увозна квота од 262.650 тони поради притестите од европските земјоделци. По искористувањето на првиот дел од квотата, Унијата го суспендираше увозот и Киев беше принуден да го пренасочи шеќерот во други земји, првенствено Турција, според украинското здружение на производители на шеќер Укрцукор. Вториот дел од квотата, од 109.440 тони, доби зелено светло во јануари, но Украина искористи само мал дел.

Производството на шеќер во Европа се движи од 14,5 милиони до 17,6 милиони тони годишно, според податоците на ЕУ, во зависност од жетвата на шеќерна репка. Потрошувачката е стабилна на околу 14 милиони тони, додека увозот се движи од два до три милиони тони, наведува Ројтерс.

Цените на шеќерот во Европа паднаа за повеќе од 30 отсто минатата година, покажуваат податоците на ЕУ. Во февруари цените на шеќерот на светските берзи пораснаа за 6,6 отсто во однос на јануари, покажуваат пресметките на агенцијата на ОН за храна и земјоделство (FAO), поради прогнозите за тесни залихи во сезоната 2025/2026 година во неповолни временски услови во Бразил.