Калас сега зборува за пет наместо 40 милијарди воена помош за Украина

Високата претставничка на Европската унија за заеничка надворешна политика и безбедност, Каја Калас, значително ја намали сумата што ја предлага за итна воена помош за Украина поради отпорот на неколку земји-членки.

Калас претходно предложи земјите-членки да ѝ дадат на Украина итна воена помош во вредност од најмалку 20 милијарди и до 40 милијарди евра. Овој предлог вклучува и набавка на два милиона парчиња артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана и обука на украински војници. Земјите-членки ќе придонесат според нивната економска сила во форма на финансиска или материјална помош.

Сепак, некои земји, како што се високо задолжените Италија и Франција, се спротивставија на идејата за пресметување на придонесите за помош на Украина врз основа на големината на бруто домашниот производ на земјите-членки.

„Реален план сега би бил пет милијарди евра за муниција и тоа е она на што работиме во моментов. Треба барем да започнеме со некој конкретен чекор – не само зборови, туку и дела за да и помогнеме на Украина во моментов. Бидејќи колку се посилни на бојното поле, толку посилни се на преговарачката маса“, рече Калас пред почетокот на самитот.