Лига на нации: Турција – Унгарија 3:1, Грузија убедлива

Турската фудбалска репрезентација ја совлада Унгарија со 3:1 во Истанбул, во првиот натпревар од плејофот за настап во Лигата А од Лигата на нациите следната сезона.

Турција ги избори овие два натпревара како второпласирана во својата група од Лига Б минатата сезона, додека Унгарија го зазеде третото место во својата група од Лига А.

Турција поведе во деветтата минута со голот на Кокчу, но унгарските фудбалери се вратија од негатива и израмнија со голот на Шефер во 25. минута. Новото турско водство следеше на средината на вториот дел, а домашниот тим постигна два гола за само пет минути. Најпрвин Актуркоглу погоди во 69. минута за 2-1, а на стадионот беше бурен во 73. минута кога Кахвеџи погоди за 3:1 и солидна предност на Туриција пред реваншот.

Овој четврток првите натпревари од плејофот за Лигата А ќе ги одиграат Австрија – Србија, Грција – Шкотска и Украина – Белгија.

Грузија најверојатно, како и минатата сезона, ќе игра во Лигата Б, бидејќи на гостински терен ја совлада Ерменија со 3:0 во првиот натпревар од плејофот за тој ранг од Лигата на нации. Во финишот на првото полувреме Грузијците направија голем чекор кон убедливата победа, стрелци беа Кочорашвили во 32. минута и Микаутадзе во 37. минута, а одличниот играч на Лион Микаутадзе го постигна својот втор гол, за конечни 3:0, во 59. минута.

Во четврток првите натпревари за следната сезона во Лигата Б ќе ги одиграат Косово – Исланд, Словачка – Словенија и Бугарија – Ирска.