
Русија го поздрави изборот на Кирсти Ковентри за нова претседателка на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), велејќи дека сака „посилно, понезависно олимписко движење“ по години напнатост меѓу Москва и организацијата со седиште во Лозана.
„Одушевени сме што гледаме посилно, понезависно и попросперитетно олимписко движење под ново водство и гледаме како Русија се враќа на олимпискиот подиум“, објави рускиот министер за спорт и шеф на рускиот олимписки комитет Михаил Дегтјарев на платформата Telegram.
Рускиот министер ѝ честиташе на Кирсти Ковентри, првата жена и првата Африканка избрана на чело на МОК, пофалувајќи ја „нејзината блескава спортска кариера, олимписките победи, рекорди и придонес во развојот на спортот“.
Меѓу прашањата со кои се соочува поранешната пливачка е судбината на руските спортисти, на помалку од една година пред Зимските олимписки игри во 2026 година во Милано и Кортина.
„Се надеваме дека нашите спортисти ќе можат да продолжат да учествуваат на меѓународни натпревари“, изјави во четвртокот портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
На последните Олимписки игри во Париз во 2024 година, Русија беше претставена со само 15 спортисти кои се решија за настап а кои се натпреваруваа под неутрално знаме, по многу строг процес на селекција од страна на МОК под влијание на политичките одлуки, во прв ред на западните земји.
Во оваа исклучително напната клима, Москва го критикуваше „расизмот и неонацизмот“ на МОК, а организацијата, пак, ја обвини Русија за „политизирање на спортот“.
Прославената пливачка од Зимбабве, Кирсти Ковентри, во четвртокот беше избрана за нова претседателка на Меѓународниот олимписки комитет, со што стана првата жена што го предводи олимпиското движење во неговата историја.
Ковентри уште во првиот круг од гласањето ги надмина сите своте конкуренти , Британецот Себастијан Коу, Шпанецот Хуан Антонио Самаранч помладиот (чиј татко беше долги години на чело на МОК), Французинот Давид Лапартиен, јорданскиот принц Фејсал, Швеѓанецот Јохан Елијаш и Јапонецот Моринари Ватанабе, добивајќи повеќе од половина од гласовите на членовите на Собранието на МОК.
Ковентри доби 49 од 97 гласа во првиот круг, Самаранч беше втор со 28, Коу беше трет со 8 гласа, Ватанабе и Лапартиен добија по 4, а Елијаш и принцот од Јордан Фејсал по 2.