Русија и САД во понеделник ќе разговараат за пловидбата во Црното Море

Руски и американски експерти во понеделник во Ријад ќе разговараат за тоа како да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море, како дел од преговорите за можен мировен договор за Украина, објави Кремљ.

„Ќе разговараме за спроведувањето на познатата иницијатива за безбедна пловидба во Црното Море“, најави Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин. Средбата ќе биде билатерална, додаде.

Русија ќе ја претставуваат Григориј Карашин, претседател на Сојузниот совет за надворешна политика и Сергеј Беседа, советник на директорот на руската разузнавачка служба ФСБ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека кога Путин и американскиот претседател Доналд Трамп разговарале по телефон во вторникот, разговарале и за „Црноморската иницијатива“.

Турција и ОН посредуваа во договорот од јули 2022 година, кој овозможи сигурен извоз на 33 милиони тони украинско жито преку пристаништата на Црното Море. Русија по една година се повлече од договорот, жалејќи се на сериозни пречки за извоз на сопствено жито и вештачко ѓубриво кое беше блокирано со месеци во европските пристаништа иако беше насочено кој сиромашните земји во Африка. Исто така, беа забележани и неколку случаи кога под превезот на цивилна пловидба беше криумчарено оружје за украинската војска што беше забрането со договорот.

Претходно во вторникот весникот The New York Times, повикувајќи се на помошници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави дека Киев стравува дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе се согласи да и ја предаде контролата на пристаништето во Одеса на Русија.

„Тие (во Киев) се загрижени дека Трамп би можел <…> да се согласи Москва да добие контрола над делови од Украина), вклучително, можеби, и над критичното пристаниште Одеса“, беше објавено.

Станува збор за најголемиот град на Црното Море, на кој Русија полага право, повикувајќи се дека во XVIII век го основа руската царица Катерина Велика и е со големо, можеби и мнозинско руско и рускојазично население.