Сите пациенти што се лекуваат во државата и надвор се во стабилна состојба

Тројца пациенти од повредените во пожарот во Кочани вчера се испишани на домашно лекување, а за утрешниот ден се планира да бидат пуштени уште тројца други, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

„Се надевам дека од следната недела ќе ве известуваме за тоа колку пациенти си одат и лекувањето го продолжуваат дома“,
рече Таравари на прес-конференција.

Тој потврди дека на сите пациенти што ќе се испишуваат ќе им бидат направени токсиколошки анализи и оти е одлучено на Кризниот штаб.

„Затоа и денеска не брзавме да ги испишеме оние пациенти што беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози, ќе направат испитувања за да бидеме сигурни кога ќе ги пуштиме на домашно лекување“, додаде Таравари.

Според министерот, сите пациенти што се лекуваат во државата и надвор од неа се во стабилна и добра состојба.

„Повеќето од нив се подобруваат. Од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но се надвор од животна опасност. Моментално во државата се лекуваат 72 пациенти“, потврди Таравари.

Од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во „Св. Наум Охридски“ се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Сиситина“ се згрижени седум пациенти и во „Жан Митрев“ четворица повредени.

„Надвор се 101 пациент. Вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не“,
рече Таравари.