Словачка: Четири деца загинаа во пожар во ромска населба

Еден возрасен и четири деца загинаа доцна ноќта во средата во пожар во ромска населба во источна Словачка, соопштија во четвртокот градоначалникот и полицијата.

Несреќата се случила во селото Велки Шариш, во близина на градот Прешов, на околу 300 километри североисточно од главниот град Братислава.

„Во пожарот загинаа четири деца и еден возрасен. Изгореа осум дрвени живеалишта“, објави градоначалникот Вилијам Кал на Facebook.

Откако биле повикани пристигнале пожарникари од соседното село, а кога успеале да го изгаснат пожарот, пронашле тела на пет лица, објавија на социјалните мрежи. Полицијата го потврди бројот на загинатите, но не го соопшти нивниот идентитет или возраст.

Источниот дел на Словачка е меѓу најсиромашните региони во Европската унија. Ромската заедница, која се жали дека е цел на дискриминација, има околу 400.000 членови во земјата со 5,4 милиони жители. Повеќе од 20 отсто од нив живеат во екстремна сиромаштија во над 600 импровизирани живеалишта во напуштени или диво населени објекти.