Турција притвори 37 лица поради објави на социјалните мрежи за Имамоглу

Турските власти приведоа 37 лица осомничени за наводно објавување „провокативни објави кои поттикнуваат криминал и омраза“ по приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен политички противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, изјави во четвртокот министерот за внатрешни работи.

Турските власти го приведе Имамоглу, кој е главен ривал на претседателот Ердоган, под обвинение за корупција и поддршка на терористичка група, потег што главната опозициска партија нациоанлистичката Републиканска народна партија (CHP) го критикуваше како „обид за државен удар против следниот претседател“.

Турските власти идентификувале 261 сметка на социјалните мрежи, вклучително и 62 во странство, за „провокативни објави“ по приведувањето на Имамоглу и 105 други, и продолжуваат со напорите за пронаоѓање на останатите осомничени, рече министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на „Х“.

Министерот рече дека на Х биле споделени 18,6 милиони објави за Имамоглу за помалку од 24 часа по неговиот притвор.

Турција, исто така, заплени градежна компанија во косопственост на Имамоглу, соопшти канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул. Во соопштението во средата вечерта, обвинителството соопшти дека контролата врз компанијата на Имамоглу ја презел судот, врз основа на извештајот за истрага за финансиски криминал.

Во средата во Турција избија протести поради приведувањето на градоначалникот на Истанбул, и покрај забраните за јавни собири.

Имамоглу е главниот предизвикувач на претседателот Ердоган на претседателските избори, а CHP планираше да го прогласи за свој претседателски кандидат во недела. Следните избори ќе се одржат во 2028 година, но ова е втор и законски последен мандат на Ердоган доколку не распише предвремени избори пред истекот на неговиот мандат или не го промени Уставот.

Имамоглу, 54-годишниот градоначалник на најголемиот турски град, е пред Ердоган во некои анкети наклонети кон опозицијата. Претходно беше поништена и универзитетската диплома на градоначалникот, која е предуслов за кандидатура за претседател според турскиот устав.

Партијата на Ердоган го претрпе најголемиот изборен пораз минатата година кога CHP на Имамоглу ги освои големите градови на локалните избори и ја порази владејачката партија во некои нејзини поранешни упоришта.