Цените на нафтата стабилни на 72 долари

Цените на нафтата се задржаа стабилни на 72 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи меѓу проценките дека новите американски санкции ќе го намалат извозот на иранска нафта и индициите дека водечките производители го прекршуваат договорот за контрола на снабдувањето.

На лондонскиот пазар со барелот сурова нафта попладнето се тргуваше по речиси иста цена како и на вчерашното затворање на пазаорто, од 72,03 долари. На американскиот пазар цената на барелот порасна за 14 центи, на 68,21 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEС) засебно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во четвртокот поскапел за 1,12 долари, на 74,25 долари.

Во четвртокот, трговците беа затечени од новите американски санкции за иранската нафта. Во четвртокот, Вашингтон за прв пат санкционираше независна кинеска рафинерија „Shandong Shouguang Luging Petrochemical Co. Ltd“, брод што ја снабдувал со иранска нафта. Санкции беа воведени и на нафтениот терминал во Кина „Huaying Huizhou Daya Bay Petrochemical Terminal Storage“ за купување и складирање нафта испорачана од санкциониран брод.

„Одлуката најверојатно испрати порака до пазарот дека кинеските компании, најголемите купувачи на иранска нафта, не се имуни на притисокот од американските санкции“, шпекулира Скот Шелтон од „TP ICAP“.

„Заострените американски санкции ќе го намалат иранскиот извоз за еден милион барели дневно“, проценуваат аналитичарите на ANZ Bank. Според проценките на компанијата која го следи движењето на бродовите „Kpler“, Иран извезувал нешто повеќе од 1,8 милиони барели дневно во февруари.

Цените беа поддржани и о новиот план на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија, според кој седумте членки треба нешто повеќе да го намалат производството во наредниот период, бидејќи ги надминаа договорените квоти. Тоа би значело дека оваа групација препознатлива како OPEC+ ќе ја намали понудата за 189.000 до 435.000 барели дневно до јуни 2026 година.

„Трговците реагираа воздржано на новиот план додека чекаат конкретни потврди дека Ирак, Казахстан и Русија ги почитуваат договорените квоти“, забележува Алекс Ходес од „StoneX“.

Казахстан произведе рекордно количество нафта во март благодарение на проширувањето на нафтените полиња и уште повеќе ги надмина квотите на ОРЕС+, изјавиле два извора за Reuters.

„Групата го поддржува планот за намалување на понудата за да се компензира хиперпродукцијата, но тоа во никој случај не значи дека сите членки ќе го почитуваат. Неколку од нив постојано произведуваат повеќе од нивните производствени квоти“, забележуваат аналитичарите на ING.