
Мексиканскиот фудбалски клуб Леон е исклучен од овогодинешното Светско клупско првенство, кое од 14 јуни до 13 јули ќе се игра во САД и на кое ќе учествуваат 32 клуба, објави во петокот Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
Костариканскиот клуб Алахуеленсе поднесе жалба против учеството на мексиканските клубови Леон и Пачука, а жалбената комисија на ФИФА одлучи дека Леон не може да се натпреварува поради прекршување на правилата за сопственост.
Имено, двата клуба се во сопственост на деловната групација „Grupo Pachuca“, а членот 10.1 од Правилникот на Светското клупско првенство во 2025 година вели дека ниту еден клуб учесник на турнирот не може директно или индиректно да има сопственички однос со друг учесник на Светското клупско првенство.
Затоа, во согласност со член 10.4 од истиот правилник, Леон беше исклучен од турнирот. Во соопштението на ФИФА се наведува дека наскоро ќе се најде замена за отстранетиот мексикански клуб. Леон требаше да се натпреварува во група во која беа лондонски Челзи, бразилски Фламенго и туниски Есперанс.