
Вчера беше еден од најтажните денови за државата. Трагедијата во Кочани длабоко ме вознемири, пред се, како човек и родител. Во овие тешки моменти, важно е да останеме обединети во болката и солидарноста. Дозволете ми уште еднаш да изразам искрено сочувство до семејствата кои се соочуваат со оваа ненадоместлива загуба, објави министерот за надворешна работа и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Наша обврска како држава е да обезбедиме соодветни услови за лекување и целосна поддршка за повредените. Во текот на вчерашниот ден ги посетив пациентите кои се лекуваат во Хрватска и Австрија. Разговарав со нивните семејства и лично се уверив во посветеноста на медицинскиот персонал кој се грижи за нивното закрепнување. Целокупните трошоци за престојот на семејствата се покриени од државата, а нашите дипломатско-конзуларни претставништва имаат клучна улога во организацијата и реализацијата на медицинскиот третман, како и во поддршката на семејствата во странство, потенцира Муцунски.
Воедно, остварив кратки средби со мојот хрватски колега Гордан Грлиќ-Радман, на која присуствуваше и министерката за здравство на Хрватска, Ирена Христиќ. Потоа, во Виена, имав билатерална средба со новата австриска министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајсингер. На средбите им изразив длабока благодарност за нивната поддршка, за понудената помош и за солидарноста што ја покажаа во овие тешки моменти за нашата земја, додаде Муцунски во објавата.