Нетанјаху за шефот на Шин Бет: Израелската влада одлучува за тоа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот рече дека владата треба да одлучи „кој ќе биде шеф на Шин Бет“, по одлуката на Високиот суд на правдата да го замрзне владиниот декрет за разрешување на актуелниот шеф Ронен Бара.

„Државата Израел е правна држава, а според законот, владата е таа што одлучува кој ќе биде шеф на Шин Бет“, напиша Нетанјаху на X.

Високиот суд а Израел во петокот привремено го замрзна отказот на шефот на домашната разузнавачка служба. Одлуката ќе му овозможи на судот да ги разгледа претставките поднесени против отстранувањето, а одлуката треба да се донесе најдоцна до 8 април, се вели во соопштението на судот.

Израелската влада рано во петокот го разреши шефот на домашното разузнавање Ронен Бара. Израелскиот премиер минатата седмица објави дека ја изгубил довербата во него и дека има намера да го разреши.

По налогот на Високиот суд, јавниот обвинител Гали Бахарав-Миара му наложи на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека му е забрането да назначува нов шеф на Шин Бет, па дури и да спроведува интервјуа за таа позиција. Бахарав-Миара, која владата, исто така, бара да биде  разрешена, во писмо до Нетанјаху наведува дека нејзините инструкции дури оневозможуваат назначување на привремен шеф на службата. Нејзините упатства најверојатно ќе останат во сила додека Високиот суд не донесе конечна одлука за ова прашање, иако таа не наведе временска рамка во своето писмо.

Одлуката на израелската влада уследи по повеќемесечните тензии меѓу Бар и Нетанјаху поради истрагата за корупција на помошник во кабинетот на премиерот.

Се чини дека пресудата предизвика пресметка меѓу владата, при што министрите отворено ветија дека ќе му пркосат на судот, и судскиот систем кој беше поддржан од големи сегменти на израелското граѓанско општество. Главниот синдикат и бизнис форум се заканија со национален штрајк доколку владата не ја почитува судската наредба, пишува The Israel Times.

Јавната обвинителка додава дека во меѓувреме ќе биде разгледано прашањето дали самиот Нетанјаху може да биде вклучен во процесот за назначување нов шеф на Шин Бет, „поради загриженоста од конфликт на интереси“.

Имено, Шин Бет во моментов води кривична истрага за наводни незаконски врски меѓу високи соработници на Нетанјаху и Катар. Јавниот обвинител сугерираше дека истрагата може да значи дека Нетанјаху има конфликт на интереси при вработувањето и отпуштањето на шефот на Шин Бет.

Нетанјаху, исто така, потпиша договор за конфликт на интереси во 2020 година, со кој му забранува вмешаност во назначувањето на судии и високи службеници за спроведување на законот поради неговото тековно кривично судење за обвиненија за корупција. Се чини дека шефот на Шин Бет е меѓу оние функционери вклучени во тој договор.