
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вечерва објави дека ставил вето на заедничката изјава на ЕУ во врска со Украина бидејќи „не може да поддржи ниту една заедничка позиција пред Унгарците да дадат изјава за членството на Украина во ЕУ“.
– Нема да се согласиме на формирање на заедничка европска позиција ако тоа е провоен став – изјави Орбан на маргините на самитот на ЕУ во Брисел.
Како што јави МТИ, Орбан нагласил дека ова не е „прва борба од ваков вид што ја води Унгарија“.
– Унгарските семејства изгубија околу 2,5 милиони форинти по домаќинство (околу 6,2 милиони евра) како резултат на војната во последните три години и морам да го прекинам тоа. Не можеме да дозволиме унгарските семејства да ја платат економската цена на војната“, рече Орбан.
Тој додаде дека единствениот начин да се постигне ова е ако Европа биде „убедена“ да ги „поддржи мировните напори“ на американскиот претседател Доналд Трамп наместо да учествува во војната. Тој наведе дека во дебатата што му претходеше на денешното гласање за усвојување на заедничката изјава учествувал и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Не би рекол дека се однесуваше пријателски. Украинскиот претседател е збунет околу својата улога, се однесува како (Украина) да е членка на ЕУ и си дозволува груб тон, што не треба“, рече Орбан.
Тој посочи дека луѓето во Унгарија се прашуваат што мислат за пристапувањето на Украина во ЕУ.
– Нема смисла притисокот на Зеленски. Пред да знаеме што мислат Унгарците, не можам да го поддржам во ова“, рече Орбан.
Европскиот совет синоќа во Брисел повторно ги усвои заклучоците за непоколеблива поддршка за Украина, кои беа поддржани од 26 лидери, освен унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На претходниот состанок на Европскиот совет, лидерите на ЕУ ги усвоија и заклучоците за Украина без Унгарија, откако Орбан не потпиша изјава за обезбедување воена и финансиска поддршка на Украина и зголемен притисок врз Русија.