
Украинската војска ја нападна затворената гасна постројка и мерна станица за гас во Суџа во западниот руски регион Курск преку која рускиот гас преку украинската мрежа се испорачуваше во Европа, а според извори блиски до руските безбедносни служби, оштетени се и цевководи.
Украинската војска на својот Telegram канал објави слика од „огнена топка“ која се издигнува кон небото со натпис: „Медиумите известуваат за успешен удар врз системот за транспорт на гас Суџа преку кој непријателот транспортираше гас во Европа“.
Нема официјални изјави за инцидентот од владини претставници во Киев или властите во Москва.
Агенцијата Reuters потсетува дека главните мерни објекти на гасоводот што го транспортираше рускиот природен гас до украинскиот систем за транспорт на гас за натамошен транспорт во Европа, беа лоцирани во Суџа. Во исто време, оваа станица беше единствената преостаната транзитна точка за рускиот гас за Европа, додека Украина не одби да го продолжи договорот за транзит во јануари годинава.
Неофицијални руски воени блогови пишуваат дека веруваат дека украинските сили го организирале нападот. Каналот Baza Telegram, близок до руските безбедносни служби, објави дека гасоводот е оштетен.
Руското Министерство за надворешни работи во четвртокот соопшти дека Украина веќе го прекршила предложениот од САД мораториум за напади врз енергетската инфраструктура, напаѓајќи го складиштето за нафта во јужниот руски регион Краснодар.
Патем, Суџа со околу пет илјади жители беше најголемата населба што украинските сили успеаја да ја окупираат во ненадејниот прекуграничен напад врз регионот Курск во август минатата година. Украинските сили држеа поолеми делови од Курск, но руската војска од почетокот на март конечно започна операција за истиснување на украинските сили од руската територија, а минатата седмица потврди дека ја ослободила Суџа.