АТП Мајами: Ѓоковиќ го израмни рекордот на Надал

Новак Ѓоковиќ ја прекина серијата од три поразa и стигна до третото коло на Мастерс 1000 турнирот во Мајами со победата со 6:0, 7:6 (1) над Австралиецот Ринки Хиџиката, израмнувајќи го рекордот на Рафаел Надал за најмногу победи на ова ниво на турнирот.

Ѓоковиќ сега има скор од 410-91 и 40 титули на Мастерсите, од кои шест во Мајами, додека Надал ја заврши кариерата со скор од 410-90, што му донесе 36 трофеи на турнирите на Мастерс 1000.

Најуспешниот тенисер на сите времиња ќе го преземе рекордот на Надал доколку успее да го совлада „среќниот губитник од квалификациите“ во следната рунда, Аргентинецот Камило Уго Карабели, кој го изненади 32. носител Американецот Алекс Михелсен со 6-7 (3), 7-5, 6-3.

Возбудлив натпревар одиграа Гаел Монфис и Јиржи Лехечка, 38-годишниот Французин победи со 6-1, 3-6, 7-6 (8) и спаси меч топка на 7-8 во решавачкиот тај-брејк. Монфис во третото коло ќе се соочи со Шпанецот Јауме Мунар, изненадувачки победник над Русинот Даниил Медведев, кој ја освои титулата во Мајами пред две години.