Квалификации за СП: Тухел со победа го започна мандатот на клупата на Англија

Во петокот се одиграа првите натпревари од европските квалификации за Светското првенство 2026, чии кодомаќини се САД, Мексико и Канада, а победата од 2:0 против Албанија на лондонски „Вембли“ го означи почетокот на ерата на Германецот Томас Тухел како селектор на Англија.

Мајлс Луис-Скели, 18-годишниот напаѓач на Арсенал, го постигна првиот гол за англискиот тим во 20. минута, оправдувајќи ја довербата на Тухел, а победата за „трите лава“ ја потврди Хари Кејн во 77. минута со својот 70. гол за националниот тим.

Англичаните се во групата К, каде Летонија во петокот на гостински терен во Андора успеа да победи со минимални 1:0, со погодокот на Дарио Ситс во 58. минута. Петтата екипа во таа група е репрезентацијата на Србија.

Босна и Херцеговина предводена од селекторот Сергеј Барбарез оствари вредна победа на гостувањето во Букурешт. Армин Гиговиќ постигна гол во 14. минута со што стави крај на серијата од 12 натпревари без победа на босанско-херцеговската репрезентација. Воедно, прославениот романски селектор Мирчеа Луческу го доживеа првиот пораз со националниот тим по враќањето на репрезентативната клупа.

Кипар победи и во групата Х, победувајќи го Сан Марино како домаќин со головите на Јоанис Питас (55) и Андроникос Какулис (86). Петтата екипа во таа група е репрезентацијата на Австрија.

Во групата Г, Полјаците и Финците со минимални победи влегоа во овие квалификации. Полска на Националниот стадион во Варшава ја совлада Литванија со 1:0, а стрелец беше Роберт Левандовски во 81. минута.

Финска победи со 1:0 на Малта, а голот за три бода беше Оливер Антман.

Петтата селекција во таа група ќе биде позната по завршувањето на четвртфиналето во Лигата на нации, а тоа ќе биде поразената селекција од пресметката меѓу Шпанија и Холандија.

Своето место во овие квалификации ќе го дознаат и хрватските фудбалери по неделниот реванш на „Стад де Франс“. Доколку Хрватска се пласира во полуфиналето ќе влезе во групата Д со Азербејџан, Исланд и Украина, а доколку загуби од Франција, избраниците на Златко Далиќ во квалификациите ќе се соочат со Црна Гора, Чешка, Фарски Острови и Гибралтар.

На Светското првенство ќе учествуваат 16 европски селекции: 12-те победници на групите директно ќе се квалификуваат, а 12-те второпласирани селекции ќе играат за преостанатите четири места.