
Првите години од животот се период на интензивно учење, но луѓето обично не се сеќаваат на ова, феномен познат како инфантилна амнезија. Меѓутоа, новата студија објавена во списанието Science покажува дека бебињата навистина создаваат сеќавања. Сепак, останува прашањето зошто овие спомени се тешко достапни подоцна во животот.
„Отсекогаш сум бил фасциниран од оваа мистериозна празнина што ја имаме во нашата лична историја“, изјави за AFP Ник Тарк-Браун, професор по психологија на Универзитетот Јеил и главен автор на студијата.
На околу една година децата учат исклучително добро. Стекнуваат јазик, одат, препознаваат предмети, општествени врски… „Но, ние не се сеќаваме на ниту едно од овие искуства“, додава Тарк-Браун.
Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата, верувал дека раните сеќавања се недостапни за свеста поради механизмот на потискување. Но, според современите теории, причината е хипокампусот, дел од мозокот суштински за епизодното паметење што не е целосно развиено во раното детство.
Научниците се потпрале на претходните бихејвиорални студии за однесувањата кои покажаа дека бебињата, кои не можат да ги вербализираат своите сеќавања, имаат тенденција подолго да гледаат во предмети кои им се веќе познати и кои ги паметат.
Во меѓувреме, неодамнешните студии за активноста на мозокот кај стаорците, покажаа дека енграмите – клеточните обрасци што ги складираат спомените, се формираат кај младите стаорци, но стануваат недостапни со текот на времето.
Цуцли и кадифени животни
Но досега беше невозможно да се набљудуваат бебињата, кои не се волни да мируваат, користејќи уред за функционална магнетна резонанца (fMRI), кој го следи протокот на крв за да ја види активноста на мозокот.
За да се надмине оваа пречка, тимот на Ник Тарк-Браун користел техники кои неговата лабораторија ги усовршила со текот на времето: цуцли, кадифени животни, потпирање на бебињата со перници и психоделични примероци во заднината за да го задржат вниманието на децата.
Вкупно 26 бебиња, половина под една година и половина постари од една година, учествувале во експериментот кој вклучувал скенирање на мозокот. Прво, им биле покажувани слики од лица или предмети. Подоцна им била прикажана веќе претходно видената слика заедно со новата.
„Меревме колку време поминаа гледајќи во познатите слики и тоа е нашето мерило за разбирање на нивното паметење“, вели Тарк-Браун.
Закопани сеќавања
Со испитувањето на мозочната активност како одговор на сеќавањето, научниците потврдиле дека хипокампусот бил активен во кодирањето на сеќавањата уште од многу рана возраст.
Тоа бил случај за 11 од 13 деца постари од една година, но не и за деца помали од една година. Тие, исто така, откриле дека бебињата кои подобро се сеќаваат имаат поголема хипокампална активност.
„Она што можеме да го заклучиме од нашата студија е дека бебињата имаат способност да кодираат епизодни сеќавања во хипокампусот од околу 12 месеци“, вели Тарк-Браун.
„Генијалноста на нивниот експериментален пристап не може да се потцени“, напишаа истражувачите Адам Рамсаран и Пол Френкланд во коментарот што ја придружува публикацијата.
Меѓутоа, сè уште е мистерија што се случило со тие први сеќавања. Можеби никогаш не се целосно консолидирани во долгорочно складирање или можеби се присутни, но стануваат недостапни.
Тарк-Браун се приклонува кон втората хипотеза и спроведува нова студија за да утврди дали бебињата, малите деца и децата ги препознаваат претходно видените слики.
Првичните резултати сугерираат дека сеќавањата можат да траат до три години пред да избледат. Тарк-Браун е особено заинтригиран од можноста таквите фрагменти еден ден да се реактивираат подоцна во животот.