Игор Тудор го замени Тиаго Мота на клупата на Јувентус

Хрватскиот фудбалски стручњак Игор Тудор е новиот тренер на Јувентус, објавија италијанскиот фудбалски гигант.

Тудор на клупата на торинската „Стара дама“ ќе го наследи Тиаго Мота, кој доби отказ откако го предводеше Јуве од јуни минатата година.

Мота доби отказ по 18 победи, 16 нерешени и осум порази во сите натпреварувања.

„Јувентус објавува дека Тиаго Мота е разрешен од должноста тренер на првиот тим. Првиот тим ќе го предводи Игор Тудор, кој утре, понеделник 24 март ќе го има првиот тренинг“, објавија од најуспешниот италијански клуб со 36 освоени „скудета“.

Тудор ќе го води Јувентус до крајот на сезоната, по што двете страни повторно ќе седнат на маса.

Хрватскиот стручњак, кој следниот месец ќе наполни 47 години, има богата историја во Јувентус, играјќи за клубот од Торино од 1998 до 2007 година. Вкупно, тој забележа 174 настапи за Јуве, постигнувајќи 21 гол.

Се врати во клубот како помошник менаџер на Андреа Пирло во сезоната 2020/21. а самостојно ги водеше Хајдук, ПАОК, Карабукспор, Галатасарај, Удинезе, Верона, Марсеј и Лацио.

Јуве моментално е на петтото место на табелата со 52 бода. На врвот е Интер со 64 бодови, Наполи има 61, Аталанта 58, а пред Јувентус е и Болоња со 53 бода.