
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров во неделата изјави дека разговорите со американска делегација во Саудиска Арабија биле „продуктивни“ и фокусирани на енергетскиот сектор.
„Разговорот беше конструктивен и значаен – се разговараше за клучните прашања, особено од енергетската сфера… Задачата на претседателот на Украина Владимир Зеленски е да постигне пристоен и траен мир за нашата држава и народ, а со тоа и за цела Европа. Работиме тоа да стане реалност“, истакна во кусата објава Умеров на Fаcebook.
Министерот за одбрана на Украина ја предводи делегацијата на неговата земја на разговори кои се дел од дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на тригодишната војна.
Средбата на делегацијата на САД и Украина претходи на разговорите меѓу американската и руската делегација закажани за понеделник.
Средбата доаѓа по серијата разговори одржани во Саудиска Арабија, прво меѓу САД и Русија, а потоа и меѓу САД и Украина, кога Киев го прифати предлогот за 30-дневен прекин на огнот.
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи привремено да ги запре нападите врз украинските енергетски постројки, но одби да одобри целосен 30-дневен прекин на огнот. Имајќи го предвид лошото искуство со непочитувањето на договорите од страна на Киев со цел да ги прегрупира сввоите сили, Москва бараше во споменатиот период да запре испораката на оружје, да не се изведува обука и мобилизација во Украина, што не наиде на позитивен одговор.