Започнаа американско-украинските разговори во Саудиска Арабија

Делегациите на Соединетите држави и на Украина го започнаа разговорите во Саудиска Арабија, на чијашто агендата се вклучени предлозите за заштита на енергетските капацитети и критичната инфраструктура, според барањата на Киев, изјави во неделата украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.

„Ја спроведуваме директивата на претседателот на Украина за приближување кон праведен мир и зајакнување на безбедноста“, објави на Facebook Умеров, шеф на украинската делегација.

Средбата на делегацијата на САД и Украина претходи на разговорите меѓу американската и руската делегација закажани за понеделник. Средбата доаѓа по серијата разговори одржани во Саудиска Арабија, прво меѓу САД и Русија, а потоа и меѓу САД и Украина, кога Киев го прифати предлогот за 30-дневен прекин на огнот.

Рускиот претседател Владимир Путин се согласи привремено да ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети, но одби да одобри целосен 30-дневен прекин на огнот, иако Трамп се надеваше дека тоа ќе биде првиот чекор кон траен мировен договор.

Американскиот специјален пратеник за Украина, Стив Виткоф, изрази оптимизам во неделата пред разговорите во Саудиска Арабија за ставање крај на војната во Украина, велејќи дека верува оти Путин сака да стави крај на тригодишниот конфликт.

„Чувствувам дека (рускиот претседател Владимир Путин) сака мир… Мислам дека во понеделник во Саудиска Арабија ќе видите вистински напредок, особено бидејќи тоа влијае на прекинот на огнот на Црното Море и на пловидбата на двете земји“, изјави Виткоф за Fox News во неделата..

Трамп во саботата рече дека напорите да се запре понатамошната ескалација на украинско-рускиот конфликт се „донекаде под контрола“.

САД се надеваат дека ќе постигнат поширок прекин на огнот во рок од неколку седмици, надевајќи се на договор за прекин на огнот до 20, април, објави во неделата Blomberg, повикувајќи се на добро информирани извори.